Еден од воените команданти на Курдската работничка партија (ПКК), Реза Алтун во изјава за виенскиот весник „Курир“ најави пролетна офанзива во Турција со нова „тактика и стратегија“.
Алтун, кој е еден од основачите на ПКК, изјави дека терористичките напади во Турција се последица на политиката на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
– Политиката на Ердоган стигна до точка до која нема излез. По изборите во Турција не постои курдското прашање и со тоа се отфрлаат секекви можности за постигнување на мир, истакна Алтун.
Тој наведе дека Турција води отворена војна против Курдите, кои и покрај репресиите се обидуваат да воспостават локална самоуправа во своите општини и села, а Ердоган тоа го користи за да ги нападне.
– ПКК не се меша во таквиот конфликт. Отпорот доаѓа од млади луѓе и од други делови на општеството. ПКК досега не беше вмешана. Како одбранбени сили не можеме да останеме со скрстени раце. Сметаме дека заштитата на нашите луѓе и земјата е наша историска одговорност, посочи Алтун.
Тој додаде дека ПКК веќе испратила свои борци во Турција и оти ќе направи се што е неопходно во претстојната војна, која, според него, им е наметната на Курдите.
– На почетокот на пролетта ќе ја промениме нашата позиција во таа војна и ќе преземеме нови тактики и стратегии. Го правиме тоа бидејќи немаме алтернатива. Во зимата многу градови на Курдистан беа уништени и политички беше задушен секој простор за демократска критика. Можам само да се предадам или да пружам отпор, наведе Алтун.
Тој истакна и дека ПКК е подготвена да воспостави односи со сите земји кои се заинтересирани за решавање на курдското прашање. Алтун додаде дека не станува збор за земји-ривалки на Турција.