Претседателот на Светска банка Џим Јон Ким информира дека Јордан ќе добие долгорочен бескаматен кредит во износ од 100 милиони долари за отворање на 100.000 работни места за сириските бегалци и за своите граѓани, пренесоа американските медиуми.
Кредитот е дел од напорите на меѓународната заедница да ги подобри условите за живот на бегалците во земјите од Блискиот исток, вклучувајќи ги Јордан и Либан.
Од почетокот на граѓанската војна во Сирија, во март 2011 година, повеќе од 4,8 милиони Сиријци побегнаа од татковината.
Евтините кредити на Светската банка и другите донатори се меѓу новите инструменти, наменети за финансирање на образованието и отворањето работни места за бегалците во земјите што ги прифатиле.
Џим Јон Ким, кој со генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, се наоѓа во посета на Јордан, вчера изјави дека не знае колку од овие 100.000 работни места ќе бидат за бегалците.