Во рамки од 8-то коло од АБА лигата, тимот на МЗТ Скопје Аердром го има за противник хрватскиот тим Цедевита.
Тренерот на македонскиот кошаркарски шампион Алеш Пипан во пресрет на дуелот со Цедевита вели дека максимално ќе го искористат домашниот терен и поддршката од публиката за да изненадат уште еден фаворит во АБА лигата.
-Играме против уште еден евролигаш, кој оваа година има големи амбиции и состави одличен состав и донесе добар тренер. Ние играме на домашен терен, пред своите навивачи и ќе направиме се за да изненадиме уште еден фаворит- изјави тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Алеш Пипан
-Не чека голем предизвик. По мене, Цедевита е најголем фаворит за освојување на АБА лигата. Имаат исклучително квалитетни поединци кои играат на мојата позиција, Маркиз Грин и Владо Илиевски и силата на овој тим доаѓа токму од овие позиции, затоа што и двајцата се опасни во нападот, и агресивни во одбраната. Се надевам на полна сала и дека ќе покажеме многу подобра игра во однос на последниот натпревар што го одигравме на домашен терен, па и да славиме на крајот, изјави Огнен Стојановски.
Натпреварот се игра во недела, со почеток од 20.30 часот во СЦ Борис Трајковски. Инаку, влезниците за овој дуел се веќе пуштени во продажба и изнесуваат 150 и 200 денари. Продажните места се: Сала Борис Трајковски (од 12:00 до 20:00ч), Сала Јане Сандански (од 12:00 до 20:00ч), Кафе Круг (Аеродром), Цвеќара Розе (Веро2), Камарад (Рамстор), Југотон Рекордс ГТЦ 1 кат, Мезе Бар (Скопјанка), Агенција за студентски програми Контекст – бул. Климент Охридски бр.23, Супер Тобако ТЦ Лептокарија, ресторан „Иди ми Дојди ми“ (н. Острово).