„Challenge Your Limits“ е мотото под кое ќе се одржи годинешното четврто по ред издание на програмерскиот маратон „Codefest“, кој ќе се одржува од 15-ти до 17 април во Охрид.
Според најавите од организаторите, годинешното издание ќе биде со проширена агенда, осмислена за да ги задоволи вкусовите на сите страни на технолошката заедница, како на студентите, така и на ИТ професионалците, компаниите и образовните институции.
Оваа година на „Codefest“ ќе бидат присутни и голем број ИТ компании од земјава и странство, што според органозаторите е добра прилика младите програмери да го претстават својот талент, креативност пред потенцијалните вработувачи. Исто така програмскиот маратон е можност директно да се соработува со реномирани ментори од земјата и странство.
На настанот ќе бидат присутни и претставници на повеќе акцелератори и инвеститори подготвени понатаму да работат со тимовите кои ќе се покажат добри резултати, а и да инвестираат во најдобрите идеи, велат организаторите.
Во рамки на маратонот ќе се одржи и еднодневна технолошка конференција „Codeference“ на која гости-предавачи ќе бидат светски и наши познати експерти во повеќе области како технологија, иновации, дигитален маркетинг, стартапи и инвестиции. На конференцијата ќе се даде осврт и на моменталните состојби во развојот на технолошката и стартап сцената кај нас и во регионот.
Учеството на маратонот е бесплатно за сите избрани учесници, а пријавувањето е до 15-ти овој месец.