Прв пораз во петтиот меч сезонава претрпе Сан Антонио Спарс на гостувањето против ЛА Клиперс, кои убедливо славеа со 106-84, додека шампионот Мајами хит со 103-73 ги преслуша Бруклин Нетс во богатата НБА програма синоќа.
Клиперси предводени од Блејк Грифин (22 поени, 10 скока) и ДеАндер Џордан (20 поени 11 скока) дојдоа до победата над гостите од Тексас.
Интересно е што дури седуммина кошаркари на домаќинот имаа двоцифрен број на поени, а нив одлично ги разигруваше Крис Пол, кој имаше 12 асистенции, а и самиот уфрли 10 поени.
Кај Сан Антонио, кој и натаму има најдобар старт во сезона во клупската историја, најдобар стрелец им беше Дени Грин со само 12 поени, а потфрлија и Данкан (10) и Паркер (4).
„Жешките“ до 4. победа сезонава дојдоа благодарение на Двејн Вејд (22 поени) и Леброн Џејмс (20 поени, 12 скокови, 8 асистенции).
Лејкерси повторно кикснаа, овојпат нагости против Јута Џез со 95-86. Ал Џеферсон е најефикасен за славјето на „џезерите“со 18 поени и 10 скока, додека резервата Ренди Фоје уфрли 17 поени, од кои 15 од „тројки“. Коби Брајант постигна 29 поени, додека Хауард 19 поени и 9 скока, но тоа не беше доволно за да го избегнат поразот.
Резултати:
- ЛА Клиперс – Сан Антонио 106-84
- Голден Стејт – Кливленд 106-96
- Сакраменто – Детроит 105-103
- Јута – ЛА Лејкерс 95-86
- Далас – Торонто 109-104
- Њу Орлеанс – Филаделфија 62-77
- Милвоки – Мемфис 90-108
- Минесота – Орландо 90-75
- Хјустон – Денвер 87-93
- Мајами – Бруклин 103-73
- Атланта – Индијана 89-86
- Бостон – Вашингтон 100-94
- Шарлот – Феникс 110-117.