Поради повреда на тетивата се уште не се знае дали голамнот на Вардар, Арпад Штербик ќе биде во составот на тренерот Раул Гонзалес за саботниот дуел од Лигата на шампионите против Кристијанштад во Скопје.
Вардар на овој меч влегува како апсолутен фаворит и со желба по подолго време да освои два бода за осигурување на пласманот во следната фаза.
– Шведската екипа во Скопје ќе игра растоварена без психолошки притисок. Тие играат добар ракомет, го покажаа тоа на претходниот натпревар кога освои бод со Киелце. Ние нема да бидеме комплетни. Покрај отсуството на Карачиќ, неизвесен и е Штербик кој се жали на болки во тетивата. Но, тука се другите двајца голмани. Очекувам поддршка од навивачите и да стигнеме до целта. Сега сме поодморени за разлика од претходната средба со Рајн Некар кога имавме згуснат распоред, рече тренерот на „црвено-црните“ на денешната прес-конференција.
Позитивен резултат очекува и пивотменот Мијајло Марсениќ.
– Играме важен натпревар. Фаворити сме и одиме на победа која ќе не врати психолошки на вистинскиот пат. На теренот мора да покажеме дека сме подобри од Кристијаншатд кој во Скопје доаѓа да одигра без притисок, изјави Марсениќ.
На првиот натпревар во Шведска Вардар победи со 30:25.
Македонскиот шампион е на 5.место со 12 бодови, додека противникот е 7-ми со 5 бода во Б-групата.