Вооружените единици на Курдите продолжуваат да напредуваат во северна Сирија. Нивната цел е не само да да ги уништат екстремистите од организацијата „Џебхат ал Нусра“, туку и да не дозволат воспоставување контрола врз ослободените територии од таканаречената умерена сириска опозиција,пренесе синоќа американската телевизија Си-Ен-Ен, цитирана од ТАСС.
Како што веќе беше соопштено, на 15 февруари сириските Курди го ослободија градот Тел Рифат, сместен на патот Алепо-Азаз, на 20 километри од турската граница.
Според податоците на Си-Ен-Ен коалицијата „Сили на демократска Сирија“ (СДС), чиј костур го сочинуваат курдски борци, се договорила градот да го заземе без отпор. Тоа значи дека курдските борци се наоѓаат на само неколку километри од линијата на фронтот во борбата со единиците на другата важна терористичка група -Исламска држава.
Според Си-Ен-Ен, сириската опозиција е крајно растревожена од дејствијата на Курдите и доверливо ги замолила САД тивко да влијаат врз СДС. Меѓутоа, таквата интервенција на Вашингтон „веќе е задоцната“.
„Сириските Курди дејствуваат молневито, по што се познати со векови наназад, и одлично успеваат да ја задржат контролата врз заземените територии. Ситуацијата се развива многу брзо и може да доведе до промена на курсот на САД кон внатрешната криза во Сирија“, забележува телевизијата.
Командата на сириските владини сили планира до крајот на оваа година да го заземе „утврдувањето” на терористичката група Исламска држава – градот Рака, доколку во конфликтот не се замешаат Саудиска Арабија и Турција, изјави генерал на сириската армија, цитиран од Си-Ен-Ен.
-Не можам да дадам реална прогноза. Но, доколку нема воена интервенција од Ријад или Анкара, планирам дека во Рака ќе можеме да влеземе до крајот на годината, изјави генералот, одбивајќи да ги каже своите генералии и позиција во армијата.
Според него, во сегашниот момент главна задача на сириските вооружени сили е воспоставување целосна контрола врз границата со Турција, со цел да се отсечат линиите за снабдување на бунтовниците.