Борци на нигериската исламистичка група „Боко Харам” се обучуваат во Сомалија, на источното африканско крајбрежје, по што се враќаат во Западна Африка, изјави денеска сомалискиот претседател Хасан Шеик Махамуд.
– Без стабилна Сомалија, целиот регион на Африканскиот рог ќе остане нестабилен, а во голема мера и африканскиот континент. Постојат докази и сведоштва дека веќе одреден период членови на „Боко Харам“ се обучуваат во Сомалија, по што се враќаат во Нигерија, изјави тој на Минхенската конференција за безбедност.
Од изјавата не беше јасно дали според него „Ал Шабаб”, која е поврзана со Ал Каеда, продолжува да обучува борци на „Боко Харам”, откако се заколна во верност на групата „Исламска држава”.