Футсал селекцијата на Шпанија се избори за финалето на Европското првенство, што се игра во Белград.
„Црвената фурија“ синоќа во полуфиналето го совлада Казахстан со 5:3 и на 10-то ЕП ќе го игра своето осмо финале. Шпанците имаат освоено шест титули.
Нивни ривал ќе биде селекцијата на Русија која по продолжение со 3:2 го совлада домаќинот Србија. За Русија ова ќе биде шесто финале, а оваа селекција беше поразена на последните две европски првенства во финалните натпревари. Русија има една титула европски шампион.
Со пласманот во полуфиналето Србија и Казахстан го постигнаа својот најголем успех досега, а една од двете селекции ќе го освои бронзениот медал.
„Малото финале“ меѓу Србија и Казахстан се игра утре со почеток во 18:30 часот, а финалето меѓу Русија и Шпанија на програмата е утре од 21 часот.