Не постои опасност од откажување на Олимписките игри во Ри де Женеиро поради епидемијата на вирусот зика во Бразил, кој се поврзува со деформации на главата на новороденчињата, соопшти претседателскиот кабинет на земјата.
– Треба да им појасниме на оние кои доаѓаат во Бразил, на спортистите, дека ризикот за нив е нула, освен доколку не се бремени жени, изјави началникот на канцеларијата на бразилската претседателка Дилма Русев, Жаг Вагнер.
– Би напоменал дека сериозен е ризикот за бремените жени, повтори тој и додаде дека тоа значи дека на бремените жени не им се препорачува да го посетуваат Бразил,
Вагнер изјави дека ќе бидат потребни меѓу три и пет години за изработка на вакцина против вирусот.
Летните олимписки игри во Бразил ќе се одржат од 5 до 21 август.
Болеста зика е откриена во 1947 година во Уганда. Вирусот го пренесува определен вид комарци.
Светската здравствена организација вчера соопшти дека зика е глобална опасност за јавното здравје, бидејќи се поврзува со аномалии кај илјадници новороденчиња во Бразил и мошне брзо се шири. Во Бразил има податоци за околу четири илјади случаи на микроцефалија, аномалија, при која децата се раѓаат со помал размер на мозокот, што се поврзува со зика, но засега поврзаноста не е целосно потврдена.