Најмалку 39 лица починаа од вирусот Х1Н1 во Русија од почетокот на оваа зима, покажуваат податоците од регионаните здравствени власти.
Санитарните власти во Волгоградската област регистрирале 11 смртни случаи, а околу 50 училишта се затворени како мерка на претпазливост.
Во Москва денеска починал еден пациент, а шест смртни случаи се регистрирани во градот Ростов-на-Дон и петмина во Санкт Петербург.
Во Дагестан од вирусот Х1Н1 починале четири возрасни лица и едно дете, а двајца во Екатеринбург и Адигејската автономна област.
Смртни случаи од грипот се регистрирани и во градовите Кострома и Тамбов, како и во енклавата Калининград.
Претставничката на руските санитарни власти Ана Попова изјави дека се преземени сите потребни мерки за спречување за ширење на вирусот.
Во Ерменија од вирусот Х1Н1 животот го загубиле 18 луѓе од почетокот на годинава, а во соседна Грузија се регистрирани три смртни случаи.
Во 2009 година Светската здравствена организација (СЗО) прогласи пандемија на грипот Х1Н1. Од грипот починаа 18.500 лица во 214 држави до 2010 година, кога организацијата ја укина тревогата.