Во последните 15 години бројот на крузери кои доаѓаат во венецијанските заливи се зголемил за 440%. Критичарите велат дека џиновските бродови го расипуваат изгледот на со векови старата панорама на градот.
Најголемиот брод кој влегол во заливот досега е МСЦ Дивина, со капацитет од 135.000 тони, односно три пати поголем од Титаник.
За некои жители на Венеција, овие крузери се пример за масовниот туризам кој се заканува да го преземе градот и да го претвори во тематски парк во „дизниев“ стил.
„Овие бродови не се направени со вкус. Тие се како пловечки хотели во Лас Вегас“, вели Силвио Теста, претставник за односи со јавноста на група граѓани на Венеција кои се против крузерите.
„Венеција отсекогаш била морски град, но некогаш бродовите се прилагодуваа на заливот. Сега заливите и градовите мораат да се прилагодат на овие „чудовишта“. Ја губиме рамнотежата направена пред илјадници години“.
Повеќе од 20 милиони туристи ја посетуваат Венеција секоја година, од кои два милиони доаѓа со еден од луксузните крузери.
Противниците на овој тренд, велат дека се загадува воздухот и се оштетуваат каналите. Исто така стравуваат дека густата магла, бура или едноставно човекова грешка би можела да предизвика несреќа како онаа кога потона Коста Конкордиа.
„Кога само еден брод би направил погрешен маневар, би дошло до катастрофа“, рече Матео Сечи, водач на групата која ја покрена кампањата Venessia.com.
Меѓутоа индустријата врзана со крстарењето има строги правила за безбедноста. Исто така патниците од крузерите секоја година во Венеција трошат по 50 милиони евра, а тоа е петина од економијата на градот.