Владата на јапонскиот премиер Шинѕо Абе го одобри најголемиот буџет во областа на одбраната во историјата на земјата, пренесоа светските агенции.
Ова се случува во момент кога Јапонија се обидува да го засили својот воен капацитет, пред се, заради тензиите со Кина во однос на оспорените територии.
Владата на Абе даде зелено светло за буџет од 5,1 билиони јени (42,1 милијарди долари) за воени трошоци за идната фискална година, која во Јапонија почнува на почетокот на април 2016 година. Оваа сума ќе биде инвестирана за засилување на одбраната на јужните острови на јапонскиот архипелаг, што се простираат до Тајван.
Јапонија четврта година по ред го зголемува буџетот за одбраната. Буџетот за идната фискална година е за 1,5 процент повисок од претходниот, посочуваат француските медиуми.
Трошоците за одбраната за идната фискална година се дел од националниот буџет на Јапонија, што изнесува 96,7 билиони јени (800 милијарди долари), потсетуваат американските меидуми.
Јапонија има намера да потроши 14,8 милијарди јени за купување на беспилотни дронови „Глобал хоук“, како и 138 милијарди јени за купување на ловци „Ф-35“. Јапонија ќе потроши и 23 милијарди јени за купување на авиони за танкирање во воздух „КС-46А“.
За поддршка на американската војска, разместена во Јапонија според силата на билатералниот договор во областа на безбедноста, Јапонија ќе потроши 193 милијарди јени. Во Јапонија има 50.000 американски војници.
Оваа земја гради подморници од класата „Сорју“, која е една од најголемите во светот и разработува и нов сонарен систем.
За да ја гарантира безбедноста на своите острови Јапонија се опремува и со 36 тенкови, со бродови амфибии и со хеликоптери „SH-60K“ од јапонско производство.