Австралиската полиција денеска соопшти дека привела уште две лица во Сиднеј, во рамките на операцијата за спречување на евентуални напади на домашни радикални исламисти врз владини институции, јавија австралиските медиуми.
Со последното апсење на двајцата мажи, на возраст од 24 и 20 години, вкупниот број на приведените во текот на опрација достигна 13 лица, соопшти заменик-комесарот на полицијата на Нов Јужен Велс, Кетрин Бирн.
Претходно овој месец, полицијата обвини пет лица, вклучувајќи и едно 15-годишно момче за истиот наводен заговор за напад врз државни институции, вклучувајќи го и седиштето на Австралиската сојузна полиција во Сиднеј и поморската база во овој град.
Бирн додаде дека во моментов нема информации за потенцијална закана од напади.
Едниот од двајцата уапсени денеска, ќе биде обвинет за изработка на документ поврзан со подготовките на атентат. Вториот ќе биде обвинет за заговор за учество во подготовка на терористички акт.