Би-Би-Си – Лондон
На повидок е можна застрашувачка иднина, иднина која ќе ја одземе едната од најмоќните алатки во медицината од рацете на лекарите
Проста исеченица на прстот може да ве остави да се борите за живот. Среќата ќе игра поголема улога во вашата иднина, отколку кој било лекар.
Третмани за рак и трансплантација на орган можат да ве убијат. Породувањата повторно можат да станат фатален момент во животот на жената.
Таква е иднината без антибиотици.
Ова може да изгледа како сиже од научнофантастичен роман – но постои реален страв дека светот ита кон постантибиотичко доба.
Светската здравствена организација (СЗО) предупредува дека „за многу познати инфекци повеќе нема да има лек, и тие повторно непречено ќе убиваат“.
Американскиот Центар за контрола на болести ја подвлече итноста од „кошмарна бактерија“. А главниот лекар во Англија, проф.Дејми Сали Дејвис, подвлече паралели со „апокалипса“.
Антибиотиците убиваат бактерии, но овие бубалки се неверојатно отпорни. Кога ќе почнете да ги третирате со нов лек, тие ќе пронајдат начин да преживеат. Потребни се нови лекови, од кои тие пак ќе пронајдат пат да преживеат.
Смртоносно
Се додека се појавуваат нови лекови, отпорноста не е проблем. Но нема нова генерација откриени антибиотици уште од 80-ите години наваму.
Ова сега е војна, и тоа онаква која сме сериозно во опасност да ја загубиме.
Антибиотиците се користат повеќе отколку што можете да замислите, а светот без антибиотици ќе стане многу опасен.
Тие прават смртните инефкции, како што е туберкулозата, да бидат излечиви, но нивната улога во здравствената заштита е далеку поширока од само тоа.
Операциите со отворање на телото претставуваат огромен ризик од инфекција. Палетата антибиотици кои се даваат пред и по операција, им овозможуваат на лекарите да изведуваат операции кои претходно биле фатални.
Третманите од рак, како што е хемотерапијата и радиотерапијата, можат да го оштетат имунолошкиот систем. Затоа се препишуваат палета од антибиотици за да се поттикне многу потребното зајакнување, покрај одбраната која ја прави вашето тело.
Секој кај кого е трансплантиран орган е соочен со доживотна употреба на лекови за да се смири имунолошкиот систем, кој инаку тој ќе го нападне пресадениот орган, па затоа се користат антибиотици за да се заштити телото.
– Иднината е прилично неизвесна, мислам дека многу комплицирани операции ќе бидат под сериозна закана, вели проф. Ричард Џејмс од Универзитетот во Нотингем.
– На студентите им покажував фотографии од луѓе од Лондон кои биле третирани од туберкулоза – тоа се редици од кревети надвор од болницата во кои или ќе живеете или ќе умрете – а единствениот третман бил чистиот воздух. А токму така ќе изгледа иднината ако снема лекови против туберкулоза. Но тоа би било во иднина, нели?, вели тој.
– Во мојата лабораторија од година во година се почесто забележуваме резистентни бактерии, вели проф. Нил Вудфорд, од единицата за антимикробиска отпорност при Агенцијата за заштита на здравјето.
Малку среќа…
Тој вели дека повеќето случаи се отпорни на некои лекови, познати како бактерии кои се отпорни на повеќе лекови, но имало и неколку случаи на бактерии отпорни на скоро сите лекови, на кои не делува ниту еден антибиотик.
Проф. Вудфорд вели дека најлошото сценарио би било „свет како во 1920-ите или 30-ите“.
– Ќе работите во градината и ќе се боцнете на трн од роза, ќе се инфицирате од некоја бактерија и во болница лекарите нема да можат ништо да сторат за да ви го спасат животот. Би преживеале или би умреле на основа на шанси. А со многу инфекции тоа и би можело да се случи.
Опортунистичките инфекции – оние кои често ги напаѓаат постарите лица кога се или болни или веќе во болница – се најзагрижувачките.
Проф. Вудфорд вели дека најголемата закана за Велика Британија е ентеробактерикае – опортунистички бактерии кои живеат во цревата, како што се ешерихија коли или клебсиела.
Тие се сега највообичаена форма на инфекција за кои е потребно болничко лекување, и тие покажуваат се повисоко ниво на отпорност.
Бројот на тестови кои покажуваат отпорност на карбапанеми, една од најмоќните групи на антибиотици, пораснал од само неколу случаи во 2003 на повеќе од 300 случаи до 2010 година.
Исто се повеќе загрижува и сексуално преносливата болест гонореја, која се потешко се лекува.
Низ светот, туберкулозите отпорни на повеќе или на најсилните лекови – што значи дека реагираат само на неколку лекови – стануваат се поголем проблем.
Глобален проблем
Релативно кажано, Велика Британија добро поминува.
– Светот без антибиотици веќе е реалност во некои земји, вели проф.Тимоти Волш, од Универзитетот во Кардиф. Тој бил дел од тим кој идентификувал една од најновопојавените закани за јужна Азија – НДМ-1. Овој ген прави отпорност на карбапенеми и е пронајден кај ешерихија коли и клебсиела.
– Резистентноста на антибиотици во некои делови од светот е како бавно цунами, со години знаеме дека доаѓа и дека на крајот ќе не наводени, вели тој.
Се смета дека НДМ-1 (Њу Делхи метало бета лактамаса-1) се појавила во Индија каде лошите санитарии и користењето на антибиотици помогнале отпорноста да се прошири.
Но, со меѓународните патувања, случаи се забележани низ целиот свет, вклучувајќи и во Велика Британија. Ова истакнува еден од најголемите проблеми во обидот да се спречи антибиотската катастрофа – колку може да стори една земја?
Има големи разлики колку одобрени антибиотици се користат низ светот. Во некои држави постојат лекови кои се припишуваат само на рецепт, а во други се достапни на секого.
Економско влијание
Се уште има отворени прашања за лекарите кои им даваат антибиотици на пациенти со вирални инфекции, како што е обичната настинка – антибиотиците ништо не можат да сторат со вирусите.
Европа ја забрани употребата на антибиотици за да го засили порастот на живата стока затоа што тоа може да доведе до зголемена отпорност.
Проф. Лара Пидок од Универзитетот во Бирмингем и член на организацијата Антибиотска акција, вели: „Ова се корисни лекови и треба многу внимателно да ги употребуваме“.
Некои луѓе дури предлагаат антибиотиците да бидат далеку поскапи – слично на цените на новите лекови против рак – со цел соодветно да бидат употребувани.
Сценариото за судниот ден е на прагот, но тоа не значи дека ќе дојде и ќе помине. Еден нов фокус на развојот на нови лекови антибиотици и користењето на оние кои веќе ефикасно функционираат, драматично ќе ја смени целата слика.
Но ако тоа се случи, влијанието врз целото општество ќе биде забележливо.
Проф. Пидок вели: „Секој пат кога не можеме да третираме инфекција, пациентот е подолго во болница и тоа има големо економско влијание ако тој не оди на училиште или на работа. Последиците од тоа се апсолутно огромни, всушност тоа е нешто кое луѓето не го сфаќаат баш одговорно“.