Во пресрет на утрешниот квалификациски дуел против Швајцарија за пласман на ЕП 2014 во Данска, капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кире Лазаров јавно обелодени дека ракометарите се незадоволни поради заостанатите финансиски долгови, лошите услови за работа, но и поради фактот што РФМ кон нив нема односот како кон репрезентација.
„Постојат проблеми во репрезентацијата, а ние играчите во следните денови ќе излеземе со став до јавноста каде ќе ги искажеме нашите видувања за се што се случува. Како никогаш до сега македонската репрезентација има огромен квалитет, без ниту еден натурализиран странец и можеме во уште најмалку две до три години да правиме големи резултати, но со вакви работи нема да стигнеме далеку“, изјави Лазаров.
Капитенот на македонската репрезентација побара поддршка од јавноста за да и покрај се со победа да го започнат новиот циклус на квалификации, а од Федерацијата побара подобри услови.
Селекторот на македонската репрезентација Звонко Шундовски рече дека бара од ракометарите без оглед на проблемите, максимално да се заложат и со победа да ги отворат квалификациите.
„Имаме убава шанса да обезбедиме учество на уште едно голем турнир и да го задржиме континуитетот на настапи на големите натпреварувања. Се соочуваме со проблеми во составот, ги немаме повредениот Наумче Мојсоски и казнетиот Борко Ристовски. Тоа се двајца стандардни репрезентативци, но и без нив имаме квалитет да ја победиме Швајцарија“, изјави Шундовски.
Дуелот против Швајцарија се игра утревечер во спортскиот центар „Борис Трајковски“ со почеток од 20:00 часот.