Хорхе Лоренцо третпат во својата кариера ја освои шампионската титула во Мото ГП шампионатот, откако Шпанецот славеше на денешната трка во Валенсија.
Останатиот дел од задачата ја заврши неговиот сонародник Марк Маркез кој заврши втор и не дозволи никој да се доближи до него.
Дани Педроса стигна трет, иако во последните 2 круга се обиде да го нападне Лоренцо, Маркез тоа не го дозволи, ја врати позиција број 2.
Валентино Роси на крајот ја освои само четвртата позиција, што беше недоволна за тој да се закити со нова титула.
Како што е добро познато, Роси ја почна трката од последното место, но веќе во првиот круг успеа да мине десет возачи што се најдоа пред себе.
„Докторот“ за само неколку круга влезе во „Топ 10“, потоа набрзина стигна и до четвртата позиција, но сепак немаше сили да му се приближи на шпанското трио, кое имаше повеќе од десет секунди предност во однос на него.
Маркез цела трка ја возеше на половина секунда зад лидерот, но немаше ниту еден посериозен обид за да го мине новиот шампион, осигурувајќи му ја толку посакуваната победа. А имаше најмалку 5 ситуации во кои можеше да го мине, па дури кога Педроса го мина во последите момети од трката тој реши да се „натпреварува“. Се поставува прашањето зошто не сакаше да го нападне Лоренцо?
Лоренцо стигна до третата титула во својата кариера, со пет бода предност во однос на второпласираниот Валентино Роси.