Ракометарите на Металург го претрпеа и третиот пораз во рамките на групата Д од Лигата на шампионите. Попладнево во дуел од 5.коло романската екипа Баја Маре славеше победа со 21:20 (10:9).
Во последните секунди од натпреварот при водство на противникот од 21:20 Лука Мраковчиќ од Металург ја испушти топката и со тоа пропадна шансата за да се освои еден бод. Домашната екипа подобро го почна натпреварот и по 3:3 имаше постојано водство, а во 25.минута беше и 9:5. На почетокот на вториот дел Металург во два наврати успеа и да изедначи (10:10 и 11:11), но повторно романскиот тим со серија од 3:0 се одлепи и на крајот стигна до победата.
Најефикасен на дуелот беше играчот на Металург Јанко Божовиќ со 8 голови, а кај Баја Маре Тамаш Иванчук со 6 голови. Голманот на Металург Даниел Дијпачанец имаше 17 одбрани.
Од групата Д претходно беше одигран дуелот Кадетен Шафхаузен – Скјерн 24:30, а во тек е дуелот Елверум – Мотор.
Табела: Скјерн 8 бодови, Баја Маре 6, Мотор 4, Металург 4, Кадетен 3,Елверум 3.