Австралија денеска предупреди дека нема да дозволи да биде „исплашена“ додека бара правда за своите загинати државјани во авионот на летот МН-17, откако меѓународната истрага заклучи дека малезискиот боинг во источна Украина лани бил соборен од ракета од руско производство, информираа француските медиуми.
Меѓу 398-те загинати патници и членови на екипажот 38 беа Австралијци.
Меѓународната истрага, што беше предводена од Холандија, не посочи виновници, иако Киев и Западот ги обвинија проруските бунтовници, а Москва одговорноста ја префрли врз украинската армија.
Во текот на јули Русија стави вето на резолуцијата на ОН, која имаше за цел формирање специјален суд за инцидентот.
-Ние нема да дозволиме никој да не исплаши. Ќе продолжиме да бараме правда за загинатите од авионот на летот МН-17, изјави австралиската министерка за надворешни работи Џули Бишоп за австралиското радио.
„Русија се обидува да ја дискредитира истрагата. Протестите на Русија не се изненадување, иако ние нема да ги прекинеме нашите обиди за добивање правда“, додаде таа.
Австралискиот премиер Малколм Тарнбул ги поздрави резултатите од истрагата.