На Скопскиот саем од денеска до сабота ќе се одржува 41. издание на Меѓународниот саем „Технома“ на кој годинава во фокусот ќе бидат иновациите.
Најавено е учество на повеќе од 185 изложувачи од кои 50 од странство, а за првпат годинава ќе се претстават и компании од Тајван.
Во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој ќе биде организиран Форум за иновации на кој сите кои сакаат да почнат бизнис ќе имаат можност да се информираат за тоа што им се нуди како поддршка за иновативноста. Форумот ќе биде и можност да се направи обид за вмрежување на академската заедница, бизнис секторот и државата.
На годинашното издание на „Технома“ ќе бидат присутни пет високообразовни иснтитуции, главно техничките факултети, но од Скопски саем се надеваат дека следните години нивниот број ќе се зголеми.
За време на „Технома“ ќе бидат отворени и 35. Меѓународна изложба на иновации „Макинова“ и 16. Меѓународен саем за занаетчиство и мало стопанство.
Саемот ќе се одржува во три хали на кои ќе се претстават фирмите, а во четвртата хала ќе се одвиваат Макинова и Форумот на иновации. Организаторите очекуваат годинашниот саем да биде посетен од повеќе од 25.000 посетители.