Денеска во 12 часот култната српска група Ван Гог ја промовираше песната „Ангелу мој брате“, отпеана на македонски јазик. Како што наведуваат од групата, оваа песна е во знак на пријателство и благодарница за македонската публика за сите 29 години поддршка.
– Учевме многу од македонската музика, запознавме многу прекрасни македонци, стекнавме пријатели. Одамна размислуваме за песна на македонски јазик и еве со Ангеле мој брате тоа и се случи. Текстот е универзален и навистина бееше лесно да се направи текстот а и да се отпее, вели Звонимир Џукиќ Џуле фронтменот на групата Ван Гог.
Инаку, засега, македонската верзија го доби веќе постоечкиот спот во кој се појавува легендарниот актер Петар Божовиќ, но во блиска иднина се подготвува и нов спот кој би се снимал во Македонија, поточно ви сите градови и места каде Ван Гог настапувале.
– Секако дека планираме да снимиме спот, но најпрво сакавме да видиме како ќе функционира на постоечкиот спот. Петар Божовиќ е големо актерско име и нам ни беше чест што го имаме во нашиот спот. Со македонската песна само ни се потврди дека музиката е универзална и дека без разлика на кој јазик се пее, пораките остануваа исти – истакнува Џуле.
Интересно е дека Ван Гог и Џуле се едни од ретките што самоиницијативно испеале песна на македонски, обично нашите уметници тоа го прават на српски јазик, но не сме сведоци на повеќе вакви примери во обратна насока, што е секако за поздравување.
Инаку, групата Ван Гог следната година одбележуваат 30 години постоење и во таа чест, како што дознаваме, подготвуваат комплетно нов сценски проект со кој публиката ќе има можност да ги види во едно сосема поинаквио светло.