Меѓународниот посредник за Сирија Лахдар Брахими изјави денеска дека сириската Влада се согласила на примирје за време на муслиманскиот празник Ајд ал адха (Курбан бајрам) од 26 до 29 октомври и оти Дамаск наскоро ќе ја објави оваа одлука.
Конечната одлука за ова прашање ќе биде донесена утре, истакна сириското Министерство за надворешни работи.
Брахими, кој беше назначен за посредник на Обединетите нации и Арапската лига за Сирија истакна дека некои сириски опозициски групации, со кои стапил во контакт, исто така се согласиле за прекин на огнот.
Откако го посетив Дамаск беше постигната спогодба со сириската Влада за прекин на огнот за време на празникот, нагласи Брахими на прес-конференција во Каиро, каде се наоѓа седиште на Арапската лига.
Доколку оваа скромна иницијатива постигне успех, се надеваме дека ќе продолжиме да дискутираме за подолготраен и поефикасен прекин на огнот, што ќе претставува дел од поширокиот политички процес, додаде Брахими.