Во Југотон во Градски трговски центар во Скопје утре ќе биде промовирано ЦД-то „Песни на Вевчанската душа“ од Марјан Јанкоски и музичкиот состав „Портал“, кое е производ на повеќегогодишно теренско и творечко истражување на Марјан Јанкоски во Вевчани.
Во ЦД-то се сместени десет вокално-инструментални композиции, испеани, мелографирани и аранжирани за голем камерен оркестар од страна на Марјан Јанкоски, кој работи како професор на Музичката академија при УГД Штип и предава на модулот за народни инструменти.
– Целта на овој музички проект беше потребата за создавање на автентична музичка препознатливост и самоидентификација на Вевчанскиот крај. Главни карактеристики кои го одликуваат се: посебност на пеаната мелодија типична за Вевчанскиот крај со оригинална нагласеност на вевчанскиот акцент и говор, ритамот и истакнувањето на авторскиот пристап и музичката разработка како главна карактеристика и посебност на ова музичко дело, вели авторот.
Издавач на ЦД-то е DDQ Production, Скопје, а снимено е во Студио „Кларион“ Скопје. Во неговата изработка учествуваа членовите на музичкиот состав „Портал“, оформен од страна на Марјан Јанкоски во 2002 година, кој е составен исклучиво од професионални музичари.
Во музичкиот состав членуваат: Марјан Јанкоски – вокал, кавал, гајда, хармоника, Ангеле Михајловски – пијано, Сашко Петрев – тамбура, Иле Колев – кларинет, Елена Владимирова – виолина, Драгана Трифуновиќ – виолина, Златко Панов – виола и Стојанче Наумовски – виолончело, а како гости настапуваат Ратко Даутовски – ударни инструменти и Лазар Митев – хорна.