Генералниот секретар на Советот за регионална соработка Горан Свилановиќ изјави дека бегалската криза може да трае година или две бидејќи главниот проблем не е решен, не е запрена војната, што е неопходно за овие луѓе да може да се вратат во своите домови.
Земјите од Западен Балкан во овој момент не се подготвени да се соочат со бегалската криза, а ниту државите од ЕУ не може сите да ги примат, изјави Свилановиќ, според кого преговорите за квоти, за што моментално се разговара во ЕУ, исто така не го решава проблемот.
– Тоа е мој впечаток, доколку нешто значително не се промени на подобро. Тоа конкретно значи да се запре војната и обезбеди на луѓето да се вратат во своите домови. Тоа не е на повидок во следните година или две, изјави Свилановиќ во интервју за Радио Слободна Европа.
Според Свилановиќ ниту ЕУ не е подготвена за бегалската криза, поради што не може да се очекува ниту Балканот да биде подготвен.
– На ова гледам како многу сериозен феномен во кој нашите земји само може да се обратат за помош и поддршка од ЕУ. Ние сме свесни дека луѓето не доаѓаат да живеат овде, тие само се движат понатаму и на тој пати им треба поддршка, нагласи тој.
Свилановиќ нагласи дека 4,5 милиони луѓе досега ги напуштиле своите домови, како и дека во следните месеци или година таа бројка може да достигне седум милиони.