Партиските лидери во Грција на прва ТВ дебата по шест години

Од:

На само 10 дена пред предвремените избори во Грција, партиските лидери синоќа учествуваа во првата телевизиска дебата од 2009 година, по што остана нејасно какви би можеле да бидат постизборните коалиции, јави дописникот на МИА од Атина.

Покрај поранешниот премиер и лидер на Сириза, Алексис Ципрас и неговиот најголем ривал Евангелос Меимаракис од конзервативната Нова демократија, во дебатата учествуваа и лидерот на ПАСОК, Фофи Генимата, Ставрос Теодоракис од Потами и првите луѓе на Комунистичката партија, Димитрис Куцумбас, на Национално Единство, Панајотис Лафазанис, и на Независни Грци, Панос Каменос.

Ципрас ја искористи можноста да нагласи дека договорот што неговата Влада го потпиша со доверителите во јули, успеа да обезбеди клучно финансирање за спас и „стабилизирање“ на економијата. Тој призна дека „на патот имало испади и грешки“, но инсистираше на тоа дека Сириза преговарала, за разлика од Нова демократија која само ги исполнувала барањата на доверителите.

Во врска со непопуларниот унифициран данок на имот (ЕНФИА), кој тој вети дека ќе го укине и ги повика Грците да не го плаќаат кога беше во опозиција, Ципрас рече дека тоа е „смешна давачка“ и оти ќе биде укината. Во исто време го избегна новинарско прашање за тоа дали тој самиот платил ЕНФИА.

Ципрас исто така ги отфрли обвинувањата дека кризата со миграцијата се влоши за време на неговиот мандат во Владата, опишувајќи го како „глобален феномен“.

Меимаракис му врати на Ципрас, тврдејќи дека НД била поискрена со Грците и не ветила нешто што знаела дека не може да го исполни. Тој, исто така, ја обвини Сириза за „кревкото обновување на земјата“ што го постигна коалицијата на НД.

– Во јануари, кога ја предадовме земјата, економијата беше во многу подобра состојба отколку што е сега. Владата на Нова демократија беше насилно прекината, рече тој.

Меимаракис ја повтори својата намера да бара широка коалиција ако НД победи на изборите и го обезбеди бонусот од 50 пратеници во Парламентот. Но, тој се пожали дека Ципрас не сака ниту да се сретне, ниту да разговара со него.

Теодоракис изјави дека поддршката на неговата партија Потами не може да се земе здраво за готово.

– Ние гласавме за меморандумот на Ципрас затоа што алтернативата беше полоша. Но, тоа не значи дека ние нема да ги браниме оние кои ќе изгубат поради меморандумот, изјави тој, осврнувајќи се на невработените лица и бизнисите кои се принудени да затворат. Теодоракис ја истакна потребата за ревизија на јавниот сектор, велејќи дека на државничките практики мора да им се стави крај.

Лафазанис го бранеше ставот на неговата партија Национално Единство во корист на националната валута, велејќи дека не е дебатирано за потенцијалниот излез на Грција од еврозоната.

– Штедењето е катастрофа, а не „Грегзит“. Враќање на националната валута ќе го зголеми извозот, рече тој.

Куцумбас, кого Лафазанис го повика да се обединат во предизборна коалиција, го повтори своето противење на таква замисла, велејќи планот на комунистите за „Грегзит“ и тој на Лафазанис се „ден и ноќ“. Тој оцени дека третиот меморандум сигурно да ќе донесе нови и остри мерки за штедење, додавајќи дека Грција има „национално богатство“.

Генимата го обвини Ципрас дека ја води Грција кон меморандум и покрај тоа што имаше примарен суфицит.

– Ако имаше награда Златна Малина за економијата, Ципрас ќе ја освоеше, рече Генимата, осврнувајќи се на годишното доделување награди за најлош филм. Таа рече дека ПАСОК би можеле да бидат корисни во Владата.

– Ние имаме искуство, знаење и знаеме како да се преговараме, истакна таа.

Каменос, од своја страна, рече дека најголемата слабост на претходната Влада, во која неговата партија беше помалиот партнер, беше тоа што не го укина данокот ЕНФИА. Тој, исто така, ја истакна важноста од воспоставување стабилна даночна рамка за да се обезбедат инвестиции.

За понеделник е закажана уште една телевизиска дебата меѓу Ципрас и Меимаракис.

Би можело да ве интересира

Силен земјотрес во Грција

(ВИДЕО) Пожар во рафинерија во Грција: Железничкиот сообраќај во прекин, наредена итна евакуација

Горан Наумовски

СИРИЗА: Политиката на соработка со Македонија е замрзната

Италија, Шпанија и Грција со мерки за да го спречат масовниот туризам и бројот на туристите

Предраг Петровиќ

Драма во авионот за Грција: Пијан патник се обидел да упадне во пилотската кабина

Горан Наумовски

Серија земјотреси го погодија Крит