На свечена церемонија во Парламентот потпретседателот на Гватемала, Алехсандро Малдонадо положи заклетва како нов претседател на земјата.
Тој ги повика актуелните членови на Владата да поднесат оставки за да може да формира нов кабинет.
Согласно уставот Малдонадо ќе биде в.д. претседател до јануари 2016 година кога на должност ќе стапи новиот шеф на државата. Името на новиот претседател ќе биде познато по изборите на 6 септември.
Во вторникот Парламентот му го одзеде имунитетот на претходниот претседател Ото Перез Молина и во средата одобри решение тој да биде уапсен. Вчера Перез поднесе оставка.
Генералот во пензија Перез е обвинет дека раководел со голема корупциска измама во царината, преку која вработените примале поткуп за да дозволат избегнување плаќање царина.
Гватемалскиот суд денеска издаде наредба за притвор на Молина. Судијата Мигел Анхел Галвез одлучи Перез да биде држен под стража во касарната Матамороз во центарот на престолнината Гватемала.