Во рамки на програмата на „Охридско лето“ денеска ќе бидат прикажани три играни филма од богатото актерско филмско творештво на Емил Рубен, по повод јубилејот 60-години од неговото присуство на филмското платно.
Директорката на Кинотеката на Македонија Мими Ѓоргоска-Илиевска, најавувајќи го вечерашниот филмски маратон укажа на значајноста што и филмската уметност полека станува дел од програмата на нашата најголема и најреномирана културно-сценска манифестација.
– Мошне е значајно што филмската уметност е дел од програмата на „Охридско лето“. Тоа изминатите неколку години го правиме мошне успешно, одбележувајќи значајни јубилеи на македонската кинематографија, но и значајни настани што го потврдуваат нашето филмско наследство, и тоа како неизоставен елемент на културното наследство и културен идентитет на секоја држава, истакна Ѓоргоска-Илиевска.
Емил Рубен оваа година одбележува јубилеј достоен за почит, шест децении од неговото прво појавување на филмското платно, од неговата филмска кариера започната на шестгодишна возраст со улогата во играниот филм „Тие двајцата“, на Жорж Стригин.
– Од моето прво појавување како дете на филм, во тоа дамнешно време се редеа седум-осум филмови, по што следуваше период на моја адолесцентско време кога некако не ме интересираше таа дисциплина. Но, по некој повод влегов во театарот, тука се заразив и после студиите, дипломирањето и ангжманите во театарот, повторно се вратив на филмот, истакна Рубен говорејќи за своите актерски почетоци.
Тој вели дека и самиот како дете и не бил свесен за тоа што значи да се биде актер, да биде важна алка во некој систем.
– Тоа некако ви изгледа како игра, немате чувство на одговорност. Ќе ги слушате упатствата и доколку сте воспитан ќе го остварите она што од вас се бара. Кога ќе осозреете, тогаш е потешко да се носат улогите, тогаш се бараат и комплексностите и слоевитоста на секој од ликовите што го толкувате, рече меѓу другото Рубен.
За тоа како некогаш се снимале филмови и како тоа се прави денес, Рубен вели дека нема некоја голема разлика, освен во начинот на организираноста на самите продукции.
– Порано тоа го правеа професионални филмски работници, кои доколку не работат моментално филм, веднаш изнаоѓаа компродукции и на тој начин ја одржува својата кондиција на некакво високо рамниште. Денес е многу потешко да се изоргнизира екипа за снимање филм, забележа Емил Рубен.
За вечерва се избрани три филмски наслови од три периоди од филмското актерство на Рубен и тоа започнувајќи со „Малиот Човек“ од 1957 година, од перидот кога Рубен како дете ги бележи почетоците на филмската актерска дејност, продолжувајќи со „Истрел“ од 1972 година, што е негова прва главна улога во филм после дипломирањето на академијата во Загреб, се до „Трето полувреме“ од 2012 година, каде ја потврдува својата сеприсатна енергија како искусен актер.
На програмата на „Охридско лето“ за денеска се предвидени уште две содржини – концерт на македонските уметници Нинослав Димов на саксофон со пијано придружба на Маја Поповиќ, како и отворањето на изложбата на фотографии „Настанување – исчезнување“ на „мајсторот на фотографија“ Боро Рудиќ.