Џез групата „Летечки пекинезери“ вечер ќе одржи концерт на Факултетот за ликовни уметности – Сули ан во рамки на Скопското лето.
Групата ја сочинуваат Иво Солдатовиќ на кларинет, Петар Христов, тенор, на саксофон, Бојан Петков на гитара, Кирил Туфекчиевски – бас и Славчо Коцев на тапани.
„Летечки Пекинезери“ е состав кој постои веќе десет години на македонската џез сцена. Од првобитната формација трпи многу мали измени, но филозофијата на овој бенд сепак останува иста во текот на годините. Главната цел на овој состав е да се придобие секој слушател без разлика дали се работи за претерано музички едуцирана личност или пак лаик во таа област.
Нивниот звук најмногу гравитира кон свинг звуците од 30-тите и 40-тите години, но ако внимателно слушате или да речеме дека сте познавач на свинг музиката ќе наидете на многу моменти кои и не се толку својствени за составите од тоа време.
До сега имаат издадено два музички албуми „Летечки Пекинезери” (2011) и „Dog Show/Изложба на кучиња“ (2014) и двата се издадени за SJF Records (Skopje Jazz Festival Records).
Имале огромен број настапи низ Македонија и надвор од неа.