Евентуалниот „грекзит“ ќе испрати ужасен сигнал во светот, во интервју за весникот „Тагесшпигел“ изјави германскиот шеф на дипломатијата Франк-Валтер Штајнмаер.
За весникот тој, исто така, изрази стравувања за авторитетот на Европа во случај на ваков развој на настаните во Грција и ја искритикува грчката Влада
Штајнмаер предупреди за последиците за Европската унија од евентуалното излегување на Грција од еврозоната.
-Дури и да можеме да се справиме со ваквиот развој во финансиско-политички и монетарно-политички план, евентуалниот грекзит ќе испрати ужасен сигнал кон земјите надвор од ЕУ, смета германскиот министер за надворешни работи.
Според него, Кина, Индија и САД внимателно следат дали Европејците ќе ја надминат оваа криза или ќе потклекнат пред предизвикот.
Штајнмаер смета дека при евентуален „грекзит“ Европа „ќе загуби од својот авторитет и од довербата во некои делови од светот“.
Германскиот министер во интервјуто, исто така, остро ја искритикува грчката Влада. Според него, „со микс од неискуство, идеологија и радикална реторика“ таа преговорите со кредиторите ги втурнала во ќорсокак.
Штајнмаер смета дека при евентуално денешно негативно изјаснување на референдумот во никој случај нема да биде полесно да се постигне компромис, туку токму спротивното.