Зошто Германците не смеат да ги пуштат Грците?

Од:

Танјуг – Белград

Аналитичарот на Страфорд Џорџ Фридман во својата анализа оценува дека грчката криза е пресудна за Германија.

Германија, како што вели тој не смее да дозволи низ Европа да се рашири бунт на должничките држави против мерките за штедење.

За него се неверојатни тезите дека грчкото излегување може да доведе до колапс на еврото, бидејќи Грција е мала земја и не постои ниедна причина зошто нејзините постапки би имале толку далекусежни последици на заедничката валута, освен што Грција би можела да постави преседан за остатокот на Европа, а тоа ја плаши Германија.

– Тоа не би се случило ако во остатокот на Европа е се во ред, но тоа не е така. На пример, Шпанија има речиси еднакво страшни параметри за невработеноста како Грција, 23 отсто, вели Фридман.

Според него, илузија е дека состојбата во Грција, што е подобар израз отколку да се каже криза, сега кога толку долго се развива, конечно ја достигна крајната точка.

Фридман смета дека крајната точка е моментот кога ни Грците, ни Германците не можат повеќе да прават отстапки, додавајќи и дека во самата Грција крајната точка одамна е минато.

Тој укажува дека платите посебно во државниот сектор се намалени, невработеноста е 26 отсто, а над 50 отсто млади под 25 години се невработени, а во меѓувреме, силната економска активност се случува на неоданочените илегални пазари.

– Грците должат пари на инстутициите на ЕУ и ММФ, но никој никогаш навистина не мислеше дека тие можат да ги вратат овие кредити. Европските кредитори конкретно Германците, кои ги контролираат европските преговори со Грците, неодамна ја достигнаа својата крајна точка. Германците се силни, но ранливи, смета Фридман.

Тој укажува дека Германците извезуваат околу една четвртина од својот БДП во зоната на европската слободна трговија, а се што се заканува на таа трговија се заканува на економијата и социјалната стабилност на Германија.

– Целта на Берлин е да се задржи недопрено не само еврото, туку и зоната на слободна трговија и моќта на Брисел над европската економија, истакна Фридман.

Тој вели дека Германија досега ја избегнувала крајната точка на кризата со бескрајна низа договори со Грција ,кои Грците не можеа да ги испочитуваат. Тоа никој не го очекуваше, но тоа му овозможи на Берлин да тврди дека Грците капитулирале пред германските барања за штедење. Таа наводна капитулација и помогна на Германија да ги држи во ред другите задолжени европски земји.

Според Фридман, за Германците, Грција претставува брана, а што е зад браната е непознато, а Германците не можеа да толерираат ризик браната да се пробие. Ако Грција радикално ја смени политиката, а ја избегне економската и социјална катастрофа, тогаш и другите европски земји можат да се одлучат да го следат истиот пат.

– Затоа Германија сакаше да го спречи банкротот и да прикаже илузија на грчка согласност. Друга опција беше да се покажат болните последици од одбивањето на Грција да продолжи да го игра првиот натпревар, смета Фридман.

Тој потсетува дека Сириза ги доби изборите на обврската да се намалат мерките за штедење и на инсистирањето и доверителите да го делат поголемиот дел од товарот на долговите, додека германскиот став е дека должникот е морално одговорен за тој долг.

Како што вели тој, иако Грците биле неодговорни за безгрижно позајмување на пари, европските банки исто така биле неодговорни што дозволиле да ги надвладее алчноста.

Фридман оцени и дека грчкото повлекување од еврозоната би имало смисла. Тоа би создало хаос во Грција за некое време, но и ќе овозможи Грците да преговараат со Европа под еднакви услови. Тие би ги плаќале долговите на Европа во драхми чија вредност ја утврдува грчката Централна банка и еднострано би можеле да ги одредуваат исплатите.

Финансиските пазари би биле затворени за Грците, но тие би имале моќ на валутна контрола, како и трговски прописи, свртувајќи ја трговијата од Европа, на пример кон Русија или Блискиот исток.

Тоа баш не е иднина која ветува, но иднина не е ни состојбата во која Грција сега се наоѓа, вели Фридман.

Болката на Грција поради повлекувањето од еврозоната би била сериозна. Но, ако другите ја гледаат Грција како жртва на случајот, а не исклучок, можат да сметаат дека болката од реструктуирањето на едностраниот долг има смисла и дека тој ја враќа на Грција валутата со која барем сами можат да управуваат.

– Стравот од доверителите е дека Грција може да излезе од еврозоната, не поради институционалниот колапс, туку поради свеста дека суверената валута може да помогне на нацијата во проблеми, заклучи Фридман.

Би можело да ве интересира

Силен земјотрес во Грција

Русија се вооружува: „Украина е само почеток“

Германија: Нема да ги укинеме ограничувањата за употреба на западно оружје со долг дострел

ВИДЕО: Полицајци во Берлин бркаат и приведуваат дете со палестинско знаме, снимката предизвика реакции

Катерина Ѓуровски

Тепачка во трговски центар во Германија, еден ранет, неколкумина повредени

(ВИДЕО) Пожар во рафинерија во Грција: Железничкиот сообраќај во прекин, наредена итна евакуација

Горан Наумовски