Во рамки на културната манифестација Скопско лето вечер во Културно-информативниот центар (КИЦ) ќе биде отворена изложбата „Фемина 8“, а во Музејот на Град Скопје концерт ќе одржи италијанскиот пијанист Маурицио Анунциата.
„Фемина 8“ е приказ на жената низ различни временски периоди, простори и контексти преку слики, колажи, цртежи, асемблажи, инсталации, редимејд, видеа. Ја организира Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), а со свои уметнички записи ќе се претстават Трујкановиќ, Паскали, Кировска, Вренцовска, Милованчев, Томиќ Радеска, Петрушевска и Манева – Чупоска.
На концертот насловен „Аргентинско пијано, емоција и виртуозност“, Анунциата ќе изведе дела од Вилијамс и Гинастера, како и две сопствени композиции од кои едната е инспирирана од македонската фолклорна музика.
Анунциата, чии родители потекнуваат од Италија, е роден во Буенос Аирес. Од најрана возраст свири на пијано и покажува афинитети кон компонирање музика. Студирал со Лиа Чимаља Еспиноза, последната поврзувачка нишка со престижноста за компонирање и изведување Аргентински пијанизам. Досега има добиено признанија за 150 дела, вклучувајќи симфонии, концерти, соло песни, опери, камерна музика и композиции за пијано.