Репрезентацијата на Аргентина е вториот финалист на „Копа Америка“ откако ноќеска со убедливи 6:1 го совлада Парагвај во второто полуфинале.
Во финалето на 4 јули „гаучосите“ ќе играат против домаќинот Чиле.
Аргентина во полуфиналето поведе со 2:0 со головите на Маркос Рохо во 15.минута и на Хавиер Пасторе во 27.минута. Парагвај во финишот на првиот дел намали преку Лукас Бариос (43.минута). Натпреварот беше решен на стартот на второто полувреме со двата гола на Анхел Ди Марија (47 и 53.минута), а триумфот само го потврдија во финишот Серхио Кун Агуеро (80.минута) и Гонзало Игуаин (83.минута).
Аргентинците досега имаат 14 титули во „Копа Америка“ и се на чекор да се изедначат со Уругвај кој има 15.
Ден пред финалето во натпреварот за третото место ќе играат Парагвај и Перу.