Германската федерална агенција за заштита на природата најави дека ќе претвори 62 воени бази во резервати за заштита на загрозени видови на растенија и животни, јави дописникот на МИА од Берлин.
Германија создава историска можност со конверзија на некогаш забранетите зони кои што веќе не се потребни за воени цели, вели министерката за животна средина Барбара Хендрикс.
Со воените реформи во Германија беа ослободени огромни територии шуми, ливади, мочуришта и други видови земјиште за животинскиот свет. Со враќање на овие подрачја се очекува продолжување на животот на десетици загрозени животински и растителни видови како на пример се поретките орли кои што ќе бидат заштитени.
Најголем дел од поранешните воени бази се наоѓаат во западна Германија каде што се користеле како утврдувања и тренинг кампови за одбрана од комунистичката закана за време на студената војна.