Македонската етно група „Монистра“, етно атракција која секогаш предизвикува големо внимание, вечер ќе одржи целовечерен концерт во големата сала на Центарот за култура-Битола, кој е организатор на настанот.
Од Центарот информираат дека етно групата „Монистра“, која интерпретира македонска етно музика на изворни инструменти, постои голем интерес во градот и настанот се очекува со големи симпатии.
– Очекуваме многубројна публика, полна сала во која ќе прозвучат познатите изворни инструменти збогатени со современи аранжмани кои со својот квалитет и креативен пристап се етаблираа на македонската музичка сцена. Но, за „Монистра“ се знае и надвор од државата затоа што групата настапувала во Израел, Франција, Египет, Италија, Турција, Словенија и Хрватска, истакна Валентин Соклевски, координатор на вечерашниот концерт во Битола.
Етно групата „Монистра“ е формирана во 2002 година и во настапуваат Александар Јовевски (кавал, тамбура и гајда), Филип Николовски (тамбура), Јован Стрезовски (тамбура), Марјан Андоновски (тапан и тарабука), Дамјан Зифовски (ударни инструменти), Габриела Јанушевска (вокал), Дарко Ничевски (клавијатури).