Со филмовите „Ритам и звук“ од Трајче Попов (Вардар филм, 1955 година) и „Солта на земјата“ на Вим Вендерс и Џулијано Рибеиро Салгадо в сабота, во Куршумли ан почнува шестото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Мотото на фестивалот е „Рум-да-да, дум-та-дум-да!“.
Проекциите на фестивалот, кој ќе трае до 26 јуни, ќе се одвиваат на три локации, во Куршумли ан, Младинскиот културен центар (МКЦ) и Меморијалниот Музеј на холокаустот.
Новитет е тоа што годинава по секое прикажување на филмовите, ќе има дебата, разговор со голем број уметници и активисти за ритамот на филмовите.
И годинава во МКЦ ќе има филмови од студенти од Факултетот за Драмски уметности, повразни со активистичкиот ритам кои зборуваат за животот на велосипед и за животот во студентските денови. Во МКЦ ќе има проекции под отворено небо, на платото. Освен премиерните проекции, ќе има и реприза на филмовите од главната програма од Куршумли ан, со почеток во 21.30 часот. Предвидени се две проекции на 21 и 25 јуни во Музејот на холокаустот од 19.30 часот, кои се бесплатни.
Дел од фестивалот ќе бидат три музички работилници, од кои една е наменета е за децата. Таа ќе се одржи во МКЦ, од 22 до 24 јуни од 12 до 15 часот.
Бранд Ферро, извршен продуцент на денешната прес-конференција рече дека годинава имаат обемна програма која е во контекст на ритамот, филмски, музички и животен.
Селекторот Петра Селишкар информира дека имаат за цел посетителите да се дружат преку цела недела и да има по нешто за сите генерации.
– Секој филм си има животен ритам. Некои се потешки, а некои полесни. Некој е со смеа, а некој со тага. Селекцијата е направена во четири програми. Филмови кои се натпреваруваат за „стар голем кромид“, селекција на млади автори, дебитанти, први и втори филмови за „млад кромид“ и награда за етички идеи, рече Селишкар.
Фестивалот ќе го затвори филмот „Танцувајќи со Марија“ по што ќе следи изведба во живо на музиката од филмот под водство на композиторот Лука Цуит.
На фестивалот ќе се прикажат околу 30 филмови, ќе има повеќе од 40 гости, меѓу кои режисери, композитори, монтажери…
Поддржувачи на фестивалот се Националната фонадција за демократија од Вашингтон, Агенцијата за филм на РМ и Делегацијата на ЕУ во Скопје.