Висок претставник на Министерството за надворешни работи на Индонезија денеска изјави дека по инструкции на премиерот Тони Абот австралиската крајбрежна стража постапува спротивно од меѓународните норми и етиката.
Острата критика од Џакарта дојде по вчерашното интервју на Абот за австралиското радио во кое тој рекол дека граничните служби на неговата држава биле „неверојатно креативни’’ во спречувањето на илегалната миграција кога, без употреба на сила, поткупувајќи го екипажот на бродот со 85 бегалци со 30.000 долари за да се вратат кон Индонезија.
Портпаролот на индонезиското Министерство за правда и безбедност Агус Барнас соопшти дека владата најновиот австралиски потег за враќање на мигрантите, покрај тоа што не е етички, го оценува и како чекор кој ќе ги мотивира криумчарите со мигранти почесто да тргнуваат кон австралискиот брег и да заработуваат на сметка на бегалците кои бараат азил во Австралија.
– Заработката на сметка на трагичните човечки судбини е единствениот мотив на трговците со луѓе, а Австралија со најновиот потег ќе ги охрабри трговците кои ќе сметаат на двојна заработка од овој нечесен бизнис, изјави Барнас.
Индонезија и досега упатуваше остри критики на сметка на тврдата австралиска политика за спречување на илегалната миграција. Годинава десетици бродови со мигранти кои се доближувале до австралиските територијални води, често со закани, но и употреба на сила, морнарицата и крајбрежната стража ги враќале кон Индонезија.
Како дел од „тврдата’’ австралиска политика да ја спречи илегалната миграција на Петтиот континент, Австралија одби да соработува во олеснувањето и решавањето на актуелната хуманитарна катастрофа со бегалците од Мјанмар и Бангладеш, од кои голем дел се уште се на отворено море.
Малезија и Индонезија се согласија на една година во свои бегалски кампови да прифатат околу 7.000 „луѓе од бродовите’’. Премиерот Тони Абот со категорично лично и јавно соопштено одбивање Австралија на било кој начин да биде учесник во решавањето на бегалската криза, најголема во Азија по завршувањето на Виетнамската војна, предизвика големо незадоволство во регионот, но и пошироко.