Трудот „Нови сознанија за потеклото на Кукузел“ од Јане Коџабашија е победник на третиот конкурс за музиколошки труд на Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ).
Трудот пристигнал под шифра „Кукузел“. Комисијата составена од Марко Коловски и Мирјана Шулајковска-Павловска – музиколози и Александар Пејовски – композитор заклучила дека текстот на Коџабашија, според структурата, употребените методолошки постапки, степенот на иновативноста во толкувањето на потеклото на големиот средновековен мелург и музички творец, целосно заслужува да биде прогласен за победник на овој конкурс.
– Овој текст, освен што користи мноштво податоци од различни светски медиевисти, низ една компаративна анализа наметнува нови видувања на можното потекло на Кукузел и претставува придобивка и за македонската и за светската музиколошка литература што го третира ова прашање, соопшти СОКОМ.
Комисијата заклучила дека треба да биде откупен трудот „Јана Андреевска – Првата Македонска композиторка“.
– Авторите Ангелина Димовска и Тина Иванова преку анализата на делото на Андреевска „Дали сум сокол, бура или бескрајна песна“ промовираат интересни гледишта за причините на помалото присуство на жените – композиторки во светското музичко творештво. Трудот освен овие два централни столба дава и мноштво други податоци за композиторката Јана Андреевска, посочува СОКОМ.