Во напад на бомбаш самоубиец врз камп на Обединетите нации на северот од Мали, загинаа тројца цивили, а ранети се уште 16 лица, меѓу кои и неколкумина мировници, соопштија ОН.
Напаѓачот се обидел со автомобил да влезе во кампот што го користи Мировната мисија на ОН (Минусма) во Ансонг, кога бил активиран експлозив.
– Во нападот се повредени девет мировници, од кои двајца имаат сериозни повреди, како и уште седуммина други цивили. Три лица загинаа, наведе мисијата на ОН.
Во соопштението не се прецизира дали бомбашот делувал самостојно или имало и други лица во возилото.
Шефот на мисијата Минусма, Монги Хамди, го осуди нападот како „гнасен и кукавички“, пренесуваат француските медиуми.
– Шокиран сум од фактот дека храбрите мировници повторно беа цел на напад, како и недолжни цивили. Овој напад нема да ја одврати Минусма од својата мисија на обновување на мирот и безбедноста во Мали, рече тој.