Во затворот Панкрац во Прага синоќа избувна пожар и повеќе од 100 затвореници беа евакуирани во друга зграда, информираше портпаролот на институцијата Јиржи Долејши.
– Дојде до палење на стиропор, кој бил сместен во двор во зградата која е во фаза на реконструкција и не беше доведен во опасност ничиј живот и во рамки на целата акција на безбедно место беа преместени повеќе од 100 затвореници, рече Долејши.
Како што пренесе дописникот на МИА од чешкиот главен град, Долејши ја негираше информацијата дека на местото на пожарот има една жртва, додавајќи дека во затворот има едно починато лице, но неговата смрт не е во врска со пожарот.
Во интерес на истрагата, претставникот на затворот не даде повеќе информации.
Поради вдишување на чад, две лица, од кои еден вработен во затворот, биле пренесени во болница каде нивната состојба е стабилизирана.