Хокеарскиот клуб Металург е победник на регионалната лига. Овој успех од страна на директорот на Агенцијата за млади и спорт е оценет како голем исчекор кон популаризацијата на хокејот во Македонија.
– Победата на Металург во Софија испиша нова страница во македонскиот хокеј. Овој пехар е круна на напорите за омасовување на овој спорт. Поддршката која Агенцијата за млади и спорт ја дава на Хокеј федерацијата е насочена токму кон промоција и популаризација на хокејот во Македонија, изјави Спасески на денешната прес-конференција.
Тој истовремено ја најави и иницијативата за промоција на Хокеј на ролерки, кој треба да стане и составен дел на Училишниот спорт.
Претседателот на Хокеарската федерација Никола Тасев се заблагодари на АМС за поддршката и разбирањето искажано за овој спорт, како што рече, дури и тогаш кога сите други беа скептични.
Следен предизвик за Металург, клубот кој ги обедини титулите во домашниот шампионат и Балканската хокеарска лига е настап во хрватската инлајн лига, каде што има обезбедено учество во плејофот.