Афирмирани и млади поети ќе читаат свои стихови во чест на поезијата на манифестацијата „Поезијо, те сакаме!“ која по повод 21 март – Светскиот ден на поезијата денеска напладне ќе ја организира Културниот центар „Феникс“ во Скопје.
Ќе настапат 21 поет, меѓу кои Васил Тоциновски, Елена Пренџова, Мирче Нешовски, Христо Петрески, Душко Кралевски, Филип Димкоски, Љерка Тот Наумова, Лидија Давидовска, Ленче Милошевска, Деси Николова, Марина Мијаковска, Снежана Стојчевска, Виолета Сековска, Марија Ѓеоргиеска, Македонка Чадиноска…
– Треба да се помогне поезијата од маргините повторно да се врати во центарот, како еден од најспецифичните, најзначајните, најкреативните, најмасовните и најпопуларните литературни жанрови, соопшти „Феникс“.
Одлуката за прогласување на 21 Март за Светски ден на поезијата е донесена на 30-тото заседание на УНЕСКО во октомври/ноември 1999 година во Париз и од 2000 до денес се прославува во повеќе држави низ светот со поетски читања и со афирмативни пораки во чест на поетското творештво.
Централното чествување во Македонија беше вчера во организација на НУБ „Св. Климент Охридски“ и Македонскиот ПЕН центар.
Струшките вечери на поезијата во пресрет на Светскиот ден на поезијата вчера го соопштија добитникот на „Златен венец“ на 54-тото издание на фестивалот. Лауреат на СВП во 2015 година е кинескиот поет Беи Дао.