Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини на утрешната средба на шефовите на дипломатиите на земјите-членки на Унијата ќе предложи Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу Босна и Херцеговина и ЕУ да стапи во сила во текот на летово, тврди сараевскиот весник „Дневни Аваз“.
Според весникот, Могерини подготвила предлог-документ со кој се предвидува активирање и договорот, седум години по неговото потпишување.
Молбата за членство на БиХ во ЕУ ќе биде разгледана дури откако Брисел ќе нотира напредок во реформите во земјата, оценува весникот, додавајќи дека сепак стапувањето во сила на Договорот за стабилизација и асоцијација ќе ја олесни интеграцијата на државата во Унијата.
Договорот за стабилизација и асоцијација ќе стапи во сила два месеци откако Советот за надворешни работи ќе донесе одлука за тоа, што би можело да се случи на почетокот на летово, наведува „Дневни Аваз“.