Претседателот на Еврогрупата Јерун Дејселблум денеска изјави дека Грците не се во право кога ја обвинуваат Германија за своите проблеми.
Изјавата на Дејселблум доаѓа откако Атина и Берлин разменија напад во врска со репарациите за нацистичката окупација на Грција во Втората светска војна и по тврдењата, што германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле го отфрли, дека го навредил својот грчки колега.
– Проблемот е во тоа дека во Грција голем дел од вината за проблемите на земјата се изнесени надвор од Грција, Германија е омилена жртва за тоа во моментот, изјави Дејселблум, кој истовремено е министер за финансии на Холандија.
Изминатите години Германците вложија големи напори за помош на Грција преку евтини кредити, истакна Дејселблум пред седницата на холандската влада во Хаг.