Во Кичево денеска беше претставен новиот лик на куќа – споменик на културата од прва категорија на ул. „Јанко Михајловски” број 11 и 13, на која фасадата е обновена со 1.800.000 денари од Министеството за култура, во рамки на проектот за заштита, реставрација и конзервација на објекти од староградската архитектура во државата.
Објектот е изграден во 1934 година, имал различни намени, во минатото бил затвор и болница, а со денационализацијата денеска е семејна куќа.
Објектот денеска го посети министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која рече дека е комплексна, планска градба од типот на двојна куќа со препознатливи архитектонски карактеристики за цивилни објекти изградени меѓу двете светски војни, со декоративни елементи на фасадата од неоренесансата и неокласицизмот.
– Според проектот изработен од Националниот конзерваторски центар – Скопје, беа изведени конзерваторско-
Министерката соопшти дека во Кичево во рамки на овој проект годинава ќе се реставрира уште еден објект од староградска архитектура – куќа на ул. „Октомвриска“ во чаршијата на градот.
Во оваа пригода Канческа-Милевска информираше и за други проекти во општината од областа на културата, кои се поддржани преку годишните програми.
Според проектот за обнова на музејските поставки во Република Македонија кој ќе се реализира до 2017 година, Музејот „Западна Македонија во НОВ“ во Кичево ќе добие нови, реконципирани постојани поставки од областа на историјата и етнологијата, а ќе биде оформена и археолошка музејска поставка, во која ќе бидат изложени значајни артефакти пронајдени на локалитетите во регионот.
Во Центарот за култура ,,Кочо Рацин“, пак, годинава ќе се приспособи галериски простор во сутеренска просторија со што ќе се збогати понудата на ликовни изложби. Оваа година, во соработка со средното ликовно училиште во Скопје, ќе почне да работи и нова керамичка колонија во село Вранештица, кој е познат керамички центар.
Исто така, планирани се и активности во цркавата „Св. Никола“ во селото Пласница. За 2015 година е одобрен проект за непосредна заштита, конзерваторско-реставраторски работи на камбанаријата на црквата.
Канческа-Милевска соопшти дека паралелно со проектите, во националните институции од културата во Кичево (Музејот и Центарот за култура) ќе се вработува и стручен кадар.
– Доекипирањето ќе биде од голема важност за реализација на проектите кои се во нивните програми, додаде министерката за култура.