Во либерискиот главен град Монровија денеска почнува тестирање на првата серија експериментална вакцина против смртоносниот вирус на ебола, од кој, според последните податоци, починале речиси 9.000 луѓе во светот во изминатата една година, а најмногу смртни случаи имаше во Африка.
Тестирањето ќе започне во Монровија на прва група доброволци. Вакцинирањето е резултат на партнерството меѓу либериската Влада и САД.
Либерискиот претседател Џозеф Нума Боакаи вчера изјави дека кампањата за вакцинација е „многу важна за Либерија и светот“.
Во следните недели ќе бидат спроведени првите тестирања од поголеми размери, во кои здравствените работници, кои помагаат во негувањето околу заболените од ебола, ќе бидат меѓу првите кои ќе ја примат.
Истражувачите се надеваат дека ќе успеат да вакцинираат 30.000 луѓе.
Вакцината, која заедно ја создадоа Националните здравствени институти во САД и компанијата „Окаирос“, која се занимава со биотехнологија, а во 2013 година беше откупена од ГСК, моментно се тестира на пет локации, а во тестирањата од првата фаза во Велика Британија, САД, Швајцарија и Мали учествуваат околу 200 здравствени волонтери.