Монографија за 65 години на ансамблот „Танец“

Од:

Националниот ансамбл за народни игри и песни доби монографија насловена „Танец – душата на Македонија“ по повод 65 години постоење (1949-2014). Директорот на ансамблот Зоран Џорлев на денешната промоција рече дека со објавување на монографијата се заокружува одбележувањето на годишнината кое минатата година опфати 72 настани.

Автори на монографијата се Родна Величковска и Марко Китевски. На речиси 200 страници таа го прикажува развојот на националната установа во шест и пол децении – настапите за разни поводи, меѓународни гостувања, Танец во хуманитарни мисии и Танец меѓу дијаспората, антологиски избор на кореографии, избор на народни носии, учества на фестивали, поглавје за наградите, за сите вработени, одгласите за настапите на ансамблот и сето тоа илустрирано со голем број фотографии од богатата архива на ансамблот.

Китевски истакна книгата ја напишале вработените на Танец, од првата до последната генерација, а тие како автори само го ставиле на хартија нивниот труд и подвизи.

– Танец на најдостоинствен начин го афирмира богатството на македонската народна култура и традиција и секаде го прикажува најубавото што македонскиот народ го создал низ вековите. Тој е најмоќното оружје за докажување на нашата национална посебност и за одбрана на македонскиот национален идентитет… Имаме фолклор од кој се одушевиле многу намерници и случајни минувачи кои Македонија ја нарекле земја на песната. Ниту една друга институција не ги бранува емоциите кај публиката така како што тоа го прави Танец…, рече Китевски.

Родна Величковска истакна дека во монографијата е направен избор на 54 антологиски ора и кореографии кои биле поставени во изминатите 65 години, од првосоздадените до оние поставени во поново време. Рече декла репертораот на Танец го сочинуваат најрепрезентативните ора, песни и оркестарски дела, вклопени во сценско-кореографските постановки.

– Монографијата е конципирана така што ги содржи годините на создавање и пресоздавање, односно обновување на кореографските постановки, авторите на постановките и автори на музичката обработка, а на крајот е даден краток опис на содржината на самите постановки, со сите музичко-кореографски елементи содржани во кореографскиот приказ. Сето ова говори за еден непрекинат континуитет на 65-годишната успешна креативност и врвни уметнички достигнувања на ансамблот Танец, истакна Величковска.

Во име на Министерството за култура, државниот советник Снежана Ристовска рече дека преку настапите на Танец го славиме нашето минато, се осврнуваме на корените, на непроценливите вредности на македонската традиција кои, рече таа, не прават единствени во европскиот, но и во светскиот културен простор.

– Монографијата е документ во кој се прикажани блескавите успеси на Танец преку документираните записи на неповторливите изведби на „Тешкото”, „Невестинското”, „Комитското” и на другите македонски народни игри во Карнеги хол, Опера хаус, Бољшој-театарот… Вредната публикација сведочи и за денешните успеси на ансамблот, за неговиот придонес во градењето на дигнитетот на македонската култура и нејзината промоција и афирмација во меѓународен контекст, рече Ристовска.

Би можело да ве интересира

Во Корча ќе се одржи промоција на македонски национални носии од Преспа

Од 16 награди на светскиот фестивал во Јесоло -6 за Скопското училиште Кузман

Предраг Петровиќ

Нов детски фолклорен фестивал во Битола

Ана Ололовска

Фестивалот и натпревар „Инструментите на моите предци“

Ана Ололовска

КУД „Кирил Пејчиновиќ“ – Теарце со Новогодишен концерт ги завршува годинашните настапи

Ана Ололовска

Онлајн промоција на првата музичка фолк сликовница за деца „Слушам кај шумат шумите“

Ана Ололовска