Детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“-Битола денеска ја одржа традиционалната манифестација „Тоше има само ден на раѓање“ посветена на еден од најголемите пријатели на студиото, трагично починатата македонска ѕвезда Тоше Проески.
Тоше Проески е роден на 25 јануари 1981 година, а истиот ден е формирано и детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“-Битола. Како за Тоше, така и за студиото има само ден на раѓање, истакна раководителот Коста Хаџиантоновски на денешната традиционална манифестација „Тоше има само ден на раѓање“.
– Годинава одлучивме манифестацијата да биде збогатена со промоција на 80 златни, сребрени, бронзени медали, плакети, признанија, дипломи и други награди што во текот на 2014 година ги освоија членовите на студиото на фестивалите во светот. Наградите пристигнаа од големи меѓународни настани во Финска, Египет, Јапонија, Србија, Кина, Бугарија, Индија, Португалија и други држави во светот каде испративме детски ликовни творби, нагласи Хаџиантоновски.