Високи функционери на земјите-членки на меѓународната коалиција против групата Исламска држава денеска одржуваат специјална конференција во Лондон, посветена на глобалните напори за кршење на отпорот и елиминација на милитантните џихадисти во Сирија и Ирак.
Коалцијата, предводена од САД што ја сочинуваат 21 земја, беше создадена минатата година откако ИД успеа да освои големи пространства од сириската и ирачката територија, заканувајќи се со заземање на целата територија на Ирак и со дестабилизација на целиот регион на Блискиот Исток.
Од август минатата година траат повремените бомбардирања врз позициите на ИД, на почетокот само во Ирак, а подоцна и во Сирија во реонот на градот Кобане, каде сириските Курди се борат со џихадистите за контролата врз ова место близу границата со Турција.
Џихадистите, сепак, се уште контролираат голема територија во Ирак и Сирија, па лондонската конференција има за цел да се постигне договор за координирана акција во борбата против џихадистите.
Домаќин на конференцијата е британскиот министер за надворешни работи Филип Хамонд, а копретседавач на средбата е американскиот државен секретар Џон Кери.
Хамонд во изјава за Би-Би-Си рече дека има уште многу работа што треба да се направи пред да може да се рече дека екстремистите од ИД се совладани.
Станува збор за повеќе мерки, како запирање на напливот на регрути за оваа исламистичка сунитска муслиманска група, пресекување на каналот за финансирање на нејзината борба, зголемување на помошта за оние кои на теренот се борат против ИД и обезбедување повеќе хуманитарна помош за ќртвите на исламистите.
Анонимен американски дипломат од Вашингтон за Би-Би-Си изјави дека примарна задача за коалицијата е блокирање на приливот на нови припадници на групата, во најглем дел од Европа.