Почнувајќи од оваа сезона во регионалната кошаркарска АБА лига ќе се игра плеј-оф, а првите средби во разигрувањето за титулата се закажани за 14 април. Серијата предвидено е да заврши најдоцна до 2 мај.
До оваа сезона се играше „фајнл фор“ турнир, а од годинава се воведува плеј-оф со цел еден, само натпревар да не одлучува за учесникот во Евролигата.
Термините за полуфиналните средби се 14, 15 и 18 април, а доколку е потребно, дуели ќе има и на 19 и 22 април. Финалето е закажано за 25, 26 и 29 април, а ако до тогаш не се реши серијата натпревари ќе се играат на 30 април и 2 мај.
Во случај полуфиналната серија да заврши порано, тогаш и финалето ќе стартува пред 25 април.
АБА лига истакнува дека во случај Црвена звезда да обезбеди плеј-оф во Евролигата може да се променат термините.
Последната рунда од редовниот дел е закажана од 21 до 23 март.
Македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром е во долниот дел на табелата со шест победи и 12 порази и е без шанса за влез меѓу четирите најдобри кои ќе играат плеј-оф.