Нов пораз за кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром, овој пат во СЦ „Јане Сандански“ поуспешен од македонскиот шампион беше Крка од Ново Место.
МЗТ Скопје повторно одигра лошо прво полувреме со само 22 постигнати поени и негатива од 10 коша. Избраниците на тренерот Јончевски конечно заиграа подобро во третата четвртина која што ја добија со 24:19 и почнаа да го намалуваат водството на Словенците. Со тројката на Сеад Шеховиќ во 35.минута, МЗТ Скопје успеа да го израмни резултатот на 57:57 и кога домашните навивачи очекуваа превземање на водството, Крка направи серија од 13:0.
Малком Армстед со 26 постигнати поени беше најефикасен играч на мечот. Крис Букер беше стрелец на 20 поени и 13 скока, додека Алексис Вангмене беше третиот играч со двоцифрен број на постигнати поени откако средбата ја заврши со 10 коша.
Кај МЗТ, Овен Класен оствари дабл-дабл со 10 поени и 12 скока. Дион Диксон и Сеад Шеховиќ беа стрелци на 12, додека Предраг Самарџиски мечот го заврши со 10 поени.
Покрај поразот, дополнителен проблем за МЗТ Скопје е повредата на Стефан Синовец, кој пред крајот на првото полувреме при еден доскок го свитка левиот скочен зглоб и мораше да го напушти натпреварот и не се врати до крајот.
– Од тоа што се плашевме највеќе, тоа и ни се случи. Крка дојде овде сосема растеретено, со неколку последователни порази, проблеми со ростерот и некомплетна екипата, а ние тоа не го искористивме. Нивните двајца Американци одиграа феноменално и погодија доста тешки шутеви. Од друга страна од преголемата желба да се победи на овој меч ние одигравме во грч. Немаше ниту еден наш играч расположен да ја повлече нашата екипа. Не ги искористивме нивните грешки, тие имаа 20 загубени топки, а ние успеавме да постигнеме само 60 поени, изјави Александар Јончевски, тренерот на МЗТ Скопје Аеродром.
МЗТ Скопје со биланс од шест победи и 12 порази е во долниот дел на табелата, Крка е на 6.место со осум победи и 10 порази.